• Home
  • Blog
  • И овоштарник може да се добие по принципот „клуч на рака“

И овоштарник може да се добие по принципот „клуч на рака“

Извоз наместо увоз

- Ако досега увезувавме расад, сега на ред е да извезуваме. Со 22 хектара површина во Зелениково и со новата ин витро-лабораторија од која ќе излегуваат безвирусни садници, во државава ќе може конечно да се произведува расад приспособен на нашите почвени услови и за кој ќе има гаранција - вели Луканова.

Почнале во 2012 година во декември со почетен капитал од 35.000 евра, а за две години инвестицијата пораснала на речиси половина милион. Инвестицијата доаѓа од Турција од бизнисменот Јашар Озул, а причината за формирање ваква фирма во земјава е дотогашниот увоз на неквалитетен саден материјал за кој никој не давал гаранции.

- Јас сум економист по професија и случајно влегов во овој бизнис. До пред неколку години кај нас се увезуваше сé и сешто и никој не ви даваше гаранција што купувате. Земјоделецот купува гола гранка, која има само корен и од неа треба да добие профит што го чека и по неколку години. Но ако расадот не успее, никому ништо. Нема гаранција, ниту, пак, некој досега ви даваше нова садница. Со нас е поинаку, гарантираме за тоа што го продаваме - вели Луканова. До лани изнајмувале земја за производство на садници, но од годинава имаат своја земја под концесија на 30 години. Целта им е на Зелениково да му го вратат стариот сјај, кога оттаму во цела Македонија се носеа праски и круши.

- Ин витро-лабараторијата за садници ќе биде прва не само во земјава, туку и на целиот Балкан. Ќе има големи оранжерии за производство на безвирусен насад, а одгледувањето ќе биде во строго контролирани услови. Ако годинава имавме 40.000 садници од домашно производство, а 60.000 од увоз, за следната година целта е увозот да се намали на минимум - вели Луканова.

Садници со гаранција

- Сé повеќе луѓе во земјава има со вишок капитал кои сакаат да вложуваат во земјоделството. За свои пари кај нас не може да добиете стан со клуч на рака, но затоа, пак, целосно опремен овоштарник може да ви подигнеме во секој момент - на шега вели Луканова. Освен садници кај нив може да се купат заштитни мрежи против град, системи за наводнување, стручни совети, пречистителни системи.

- Сé е на едно место. И тоа може да го добиете квалитетно и со гаранција. Наша специјалност се оревите. Плаќаме технолог од Турција по 1,5 евро за калемење на истиот. Се добиваат сорти со бела јатка, ниски до 6 метри, со прекрасен квалитет кои даваат род во следната година. „Чендлер“, „фернет“, „феро“ и други се само дел од доцните сорти што може да се добијат кај нас. За неколку години кога ќе има доволно насади во земјава ќе почнеме и со откуп, бидејќи тоа се родни сорти чии плодови постигнуваат многу високи цени на европските пазари - вели Луканова.

Таа објаснува дека во аграрот мора да се напушти досегашниот начин на вложување и веднаш да се оди на големи површини. 

Годинава веќе имаат пласирани 10.000 садници со кои треба да се подигнат над 50 хектари. Но освен орев, нудат и бадем и цреша.

- Садниците од цреша сé посебна сорта која кај нас е позната како охридска. Таа е отпорна на влага и не пука. Се добиваат нискобујни дрва со квалитетни плодови кои се исклучиво барани на европскиот и на рускиот пазар. Бидејќи имаме сестрински фирми во Бугарија, Kазахстан и во Украина, следен чекор е пласман на нашите производи, но и садници на сите овие пазари - вели Луканова.

Веќе има зделка за извоз на садници на Kосово, а следен чекор се Србија и Хрватска. За неа целта е од увозници на саден материјал да станеме најпознати извозници на целиот Балкан. Во преговори се со една фирма од Пула, а за кратко на повидок има и извоз на српскиот пазар. 

Зачини во саксија

Од следната пролет во секој маркет во земјава ќе можете да купите свеж зачин од саксија.

Во пет минијатурни саксии ќе има магдонос, жалфија, босилок, нане и оригано, тоа се билките кои од саксија директно ќе ги ставате во вашите јадења.

- Во секој маркет по Европа може да видите свежи билки во кујна, само кај нас тоа оди сушено од кесички или од теглички како зачин. Целта на оранжеријата од 400 квадрати во Визбегово е токму саксиското производство на зачини и чаеви. Свежо во секое време. Наместо да варите чај од кеса, ќе имате свежо здраво растение. Поискусните домаќинки ќе може и да ги одгледуваат и подолго да ги имаат во саксија. За сите останати доволно е да ги искинете листовите и да чувате свежи во фрижидер - вели Луканова.

Извор Дневник

Welcome 200GBP Bonus at William Hill here.