Микроразмножување или како што уште се вика култура на ткиво е еден од најстарите начини на размножување. Тоа подразбира размножување од мали делови на растенија, ткива или клетки во специјализирани услови каде што исхраната и климатските услови се контролирани. Први документи кои што постојат за микроразмножување датираат уште од 1800 година. Од тој период па се до денес постои значителен напредок во овој поглед и оваа технологија на одгледување зема се поголем замав. Културата на ткиво го користи ин-витро системот на размножување. Инвитро доаѓа од латински збор што во превод би значело во стакло, што значи дека растителните ткива се развиваат во епрувети и колби во лабараториски услови. Размножувањето на растенијата преку ин-витро не создава нов процес во самото растение туку само го насочува и подобрува потенцијалот на растението побрзо да расте и да се размножува на еден мошне ефикасен и предвидлив начин. Постојат неколку предности на одгледувањето со ин – витро од другите начини на безполово размножување :

1. Растенијата можат да бидат брзо произведени во големи количини
2. Ваквите растенија се ослободени од вируси и штетници
3. Поради непостоење на соодветна подлога за секој овошен вид ин-витро подлогите се најповолен начин за одгледување
4. Ваквите подлоги посоодветни се за производителите на посадочен материјал

Исто така постојат и недостатоци на овој начин на размножување :

1. Овој начин на размножување е поскап во поглед на останатите начини
2. Потребен е соодветен стручен кадар
3. Не можат сите видови на растенија да се произведуваат преку култура на ткиво.

Основата на ин-витро одгледувањето е успешноста на делови од растенија, клетки и ткива да се размножуваат во контролирани лабараториски услови. Постојат голем број на фактори од кои што зависи успешноста на инвитро размножувањето. Одржувањето на стерилни услови таму каде што тоа се врши е еден од нив. Сите површини со кои ин-витро создаденото растение може да дојде во контакт треба да бидат стерилни и тоа: рацете на лаборантот, работната површина, сите алатки, епруветите и сл. Освен тоа и климатските услови во лабараторијата во поглед на температура, влага и осветленост треба да бидат на соодветно ниво. Како медиум за ин-витро производство се користи желатинозна материја позната под името агар.
Таа сама по себе е неутрална, но со додавање на одредено количество на неоргански соли, јагленохидрати, витамини, различни регулатори за раст како и хормони го прават агарот најсоодветен медиум кој го стимулира растот на младото растение.

Постојат четири последователни фази во производството на ин –витро подлоги и тоа:

1. Формирање
2. Размножување
3. Пред трансплантација
4. Трансплантација

Целта на првата фаза е поставување на стерилно ткиво во епрувета. Тука ткивото формира стебленца кои со понатамошното размножување се делат секое посебно и се пренесуваат во свеж медиум. Овој медиум најчесто е ист или сличен со претходниот, но концентрацијата на одредени состојки може да биде различна. Пред трансплантација е фаза која овозможува веќе подпораснатото растение да биде пренесено од стого контролирани услови, во контролирани услови најчесто во стакленици. Исто така во оваа фаза се врши и селекција и отстранување на мутирани растенија. Последната фаза е пренесување на растенијата во пастеризиран почвен микс и во оваа фаза растението е спремно за транспорт. Ваквото растение се уште не е спремно за директно изложување на стандардни климатски услови, но со постепено намалување на влажноста и зголемување на изложеноста на сонце ваквите растенија се прилагодуваат за опстанок на отворено.

Најчесто употребувани ин-витро подлоги

GF 677

Оваа подлога се користи за праска, слива и бадем. Претставува доста бујна подлога, погодна за варовнички почви со повеќе од 11% на активна вар и доста отпорна на суша. Погодна е и за пресадување. Сите сорти на праски, сливи и бадеми се компатибилни за калемење, а исто така и процентот на успешност е висок.

Myrobolan 29C

Подлога за сливи и за поголемиот дел на сорти од кајсија. Погодна е за сите типови на почви и доста добро прилагодлива за тешки и непорозни почви. Се користи на варовнички почви со 8-9 % активен вар. Погодна за пресадување. Сите сорти на сливи се компатибилни за калемење и процентот на успешност е висок

CAB 6P

Ова е подлога за цреша. Добро прилагодлива на тешки и непорозни почви. Отпорна е на варовник и тоа до 9% активен вар, на нематоди и погодна е за пресадување. Сите цреши калемени на оваа подлога се помалку бујни (-30%), порано зреат , имаат повисок квалитет на плодот и подобра обоеност за разлика од оние што се калемени на дива подлога. Компатибилноста при калемењето е доста висока и растението се карактеризира со брз раст и добра спојка .

MAXMA 14

Потекнува од Орегон – САД каде што и е патентирана. Растенијата калемени на оваа подлога се побујни од оние калемени на САВ 6Р. Погодна е за добро дренирани почви, почви кои имаат високо испарување, а малку врнежи. Сензитивна е на фитофтора и агробактериум, а толерантна на псеудомонас. Сите сорти на цреши калемени на Махма 14 се карактериѕираат со порано зреење, повисок принос и подобар квалитет од оние калемени на диви подлоги.

MAXMA  60

Средно бујна подлога. Се адаптира добро на различни типови почви. Резултира со одлични приноси. Погодна за калемење на сите сорти цреши. Погодна е за полу- интензивни насади.